Ахмети: Евентуални предвремени парламентарни избори не се во интерес на државата и партнерството

313 прегледи

Не се разговара ниту размислува за промена на структурата на Власта, и оттаму не се во интерес ниту на партнерството ниту на државата, евентуални предвремени парламентарни избори, посочи денес лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

„Што се однесува до предвремените избори сметам дека се организираат во случаи на кризи, нефункционирање на Парламентот, блокирање на институциите, такво нешто нема и ниту во иднина мислам дека нема да има, бидејќи не се во интерес ниту на државата, а ниту и на партнерството во овој случај“, истакна Ахмети во одговор на новинарско прашање, на свечената академија по повод независноста на Република Косово.

Ахмети уште еднаш потенцираше дека не се размислува за реконструкција на Владата и дека парламентарното мнозинство функционира во рамките на нормалното дејствување.

„Најпрвин, парламентарното мнозинство функционира во рамки на нормалноста. Воопшто нема судири или разлики меѓу коалицициските партнери. Секако дека има разлики за одредени теми, но добрата работа е што на крајот за сите прашања се постигнува консензус. Нема никаква потешкотија во функционирањето на оваа партнерство, коалиција и воопшто не се размислува и нема никаква причина за ново парламентарно мнозинство. Се си функционира во рамките на нормалноста. Не е дискутирано и не се размислува за реконструкција на Владата“, одговори Ахмети на новинарско прашање.

Запрашан за тоа дали се очекуваат кадровски промени внатре во ДУИ до владиниот кабинет, Ахмети рече дека тој е личност што ја поддржува слободната мисла и на крајот за се одлучува мнозинството на органите на партијата, со консензус или со мнозинство на партиските органи.

Слични содржини