Лидерот на ДУИ Али Ахмети, пред неколку месеци разговарал со премиерот Димитар Ковачевски околу можно законско решение со кое би биле опфатени сите засегнати од конфликтот во 2001 година, вклучувајќи ги тука и поранешните војници на УЧК и семејствата на мачениците, изјави во интервју за Алсат поранешниот командант на УЧК Рафиз Алити, со прекар Учителот, објави весникот на албански јазик.
-Не се само борците на УЧК. Има и неколку други категории, како што е случајот со Куманово, случајот со Порој, или во Тетово, кое беше бомбардирано, или во Љуботен, случајот со цивилите, кои настрадаа. Ги имаме и семејствата на исчезнатите, било од македонска или од албанска страна. Со сеопфатен закон да овозможиме да бидат третирани од државните институции, за да имаат некаква бенефиција, изјавил Алити.
Алити тврди дека „пред неколку месеци претседателот на ДУИ го отвори ова прашање со премиерот Ковачевски и со поранешниот генерал Ангелов дека е спремен да се донесе закон кој би се однесувал на категориите кои настрадаа во 2001 година затоа што не се само борците на ОНА“.
Ваквите тврдења на Алити доаѓаат во момент кога градоначалникот на Арачиново, Ибрахими најави дека ќе се гради Музеј на УЧК и дека општината бара локација за истиот.