Целосно ја поддржувам иницијативата на премиерот Еди Рама во Парламентарното собрание на Советот на Европа за измена на неправедната и неточна Резолуција 1782 од 2011 година за трговија со човечки органи во Косово, објави лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Според него, скандалозната резолуција е донесена како резултат на „руско-српската пропаганда со лажни вести“.
-Тие никогаш не беа проверени и сериозно ја нарушија нашата национална жртва за слобода, независност, демократија и еднаквост, потенцира Ахмети.
Лидерот на ДУИ ги повикува сите политичари и граѓани да се приклучат на повиците за промена на Резолуцијата.
-УЧК е ослободителна сила која ја имаше поддршката од западниот свет, исто како и денес слободољубивиот народ на Украина. Слободата има име – УЧК!, потенцира Ахмети.
Албанскиот премиер Еди Рама вчера изјави дека обвинувањата на поранешната обвинителка на Хашкиот трибунал Карла дел Понте за злосторства извршени од припадници на ОВК се „лажни вести“.
Во обраќањето пред Парламентарното собрание на Советот на Европа, Рама ја критикуваше резолуцијата на СЕ, оценувајќи дека тврдењата на Дел Понте за вмешаност на членови на УЧК во трговија со органи се засновани на сомнителни извори.
– Ова обвинување се најде на насловните страници од Европа до Австралија и покрај тоа што обвинувањата во Косово беа категорично демантирани. Најмистериозното прашање беше, што го спречи моќниот обвинител да истражува понатаму, изјави премиерот на Албанија.