Ахмети ја информирал норвешката амбасадорка за ангажманот на авторот на Охридскиот договор во составувањето на платформата за легитимитет

од Nikola Popovski
107 прегледи

Демократската унија за интеграција соопштува дека лидерот на оваа партија, Али Ахмети ја примил норвешката амбасадорка во Скопје. Кристин Мелсом. Од ДУИ велат дека, меѓу другото, Ахмети ja информирал амбасадорката за ангажманот на Пол Вилијамс за „составување на платформата за легитимитет“.

„Ахмети ја информирал норвешката амбасадорка за ангажманот на експертот за право и меѓународни договори, Пол Вилијамс, кој е познат и како автор на Охридскиот договор, да подготви платформа за меѓуетничкиот легитимитет на централните и локалните институции врз основа на изборните резултати и духот на Охридскиот договор. Во спротивно, причината за учество на заедниците во изборните процеси кај нас се губи доколку нивните претставници се определуваат со диктат од поголемата заедница, како во времињата на едногласност“, се вели меѓу другото во соопштението на ДУИ.

Вилијамс, познат како автор на Охридскиот договор од 2001 година, во изјава за медиумите на албански јазик во земјава, потврдил дека заедно со неговата адвокатска канцеларија PILPG (Меѓународна група за јавна политика и право) и тимот меѓународни адвокати, работи на прашањето за непочитување на Охридскиот договор и меѓуетничкиот легитимитет на институциите во државата.

Во меѓувреме, поголемите партии во државата ја одбија ваквата идеја на ДУИ, па партијата од Мала Речица остана сама со своите најави.

Слични содржини