Ахмети: Јас ја уништив Југославија, нема никој во Македонија кој знае подобро од мене како да направи национализам

Лидерот на ДУИ го повторил барањето за уставни измени, нагласувајќи дека во иднина Владата треба да се избира со двојно мнозинство, додека „Бадентер“ треба да се применува и во Уставниот суд

од Nikola Popovski
39 прегледи Фото: Фејсбук

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети изјавил дека не ги сфаќа сериозно жалбите на поединци кои останале надвор од партиските структури по Петтиот конгрес на партијата. На брифинг со медиумите, тој порачал дека станува збор само за две или три лица кои јавно реагирале. „Оние кои си заминуваат затоа што немаат функции, нека си заминат“, рекол Ахмети.

ДУИ, според Ахмети, се стреми кон национален договор за развој, оценувајќи дека граѓаните се уморни од дневната политика која, како што рече, служи за партиски бенефиции. „Кога имавме храброст да го направиме Охридскиот договор, Преспанскиот договор и договорот за добрососедство со Бугарија, зошто да не имаме национален договор за развој, вклучувајќи ги најдобрите експерти во земјата“, кажал Ахмети, пренесуваат дел од медиумите на албански јазик во земјава.

Тој го повторил барањето за уставни измени, нагласувајќи дека во иднина Владата треба да се избира со двојно мнозинство, додека Бадентеровиот принцип треба да се применува и во Уставниот суд. Според него, ова ќе биде услов за учество во владеењто.

Ахмети додал и дека Охридскиот договор не бил и не е совршен, бидејќи е компромисен договор, но потенцирал дека во него има простор за напредок доколку е потребно.

Тој ги критикувал двете стопански комори, кои, според него, создаваат поделби и ги поддржуваат олигарсите.

„Нема никој во Македонија кој знае подобро од мене како да направи национализам. Јас ја уништив Југославија и 20 години го спроведував проектот 1981-2001. Но, слушнете го мојот говор на Конгресот, никогаш не сум се занимавал со ВМРО, СДСМ или ВЛЕН. Она што го имав за вазалите, им го кажав од 2002 до 2025 година. Тие не нудат одржливо решение“, тврди Ахмети.

Според него, планот А останува развој и напредок на државата, при што изразил надеж дека нема да се префрли на план Б. „Ако излезам на улица, никогаш нема да се вратам дома. Јас не сум претставник на мачки, туку на лавови“, додаде Ахмети.

Изјавите на Ахмети сигнализираат остар став кон критичките гласови во партијата, имплицирајќи дека раководството нема намера да толерира незадоволство поврзано со лични интереси, и покрај внатрешните тензии што избувнаа по Конгресот.