Ахмети: Кај Албанците чувствувам голема горчина и незадоволство за понижувањето што ви се прави

од Nikola Popovski
70 прегледи

ДУИ вчера во селото Матејче одржала отворена средба со граѓани, членови и симпатизери на партијата во организација на огранокот на ДУИ во општина Липково. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети истакнал дека кај народот владее голем гнев и незадоволство од понижувањето што им се прави на Албанците.

„Разговаравме за Европа, за ветинг, за легитимитетот, за иднината. Во народот чувствувам голем гнев и незадоволство од понижувањето кое секојдневно им се прави на Албанците и обидот да се вратат милошевичките политики врз „чесните“ Албанци, повластени од власта која слепо му служи на својот патрон. Народот е против ова понижување и вечерва гласно зборуваме против политиките кои ја нарушуваат еднаквоста и постигнувањата како резултат на Охридскиот договор, како и оние кои не оддалечуваат од Европа“, кажал Ахмети пред присутните.

Тој исто така додал дека останатите политички ривали „сакале да ја закопаат ДУИ и политички да го убијат Али Ахмети“.

Од партијата од Мала Речица уште од претходно најавија дека во наредниот период ќе се одржуваат отворени седници на претседателството на ДУИ по партиските ограноци. За протести не било дискутирано иако и тоа е дел од агендата.

Неодамна премиерот Христијан Мицкоски рече дека обиди за дестабилизација има и ќе има, но порачува дека Владата е подготвена да ги пресретне. Како мотиватор на такви случувања, тој ги посочува челниците на ДУИ, кои според него грчевито се борат на национална тема да мобилизираат луѓе за протести, по можност, како што вели, насилни. Но, тоа според него е прочитано од граѓаните, кои се свесни дека целта на ДУИ е да се заштити од криминалите.

Слични содржини