Лидерот на коалицискиот партнер во власта, ДУИ, Али Ахмети, изрази несогласување со ставовите искажани од премиерот Зоран Заев во кои ја отвори можноста опозицијата да стане дел од власта, пренесува Алсат.
„Опозицијата ги дава своите забелешки, дури и ако не се на место, бидејќи тоа е улогата на опозицијата, не само кај нас, туку и во сите напредни земји“, рече Ахмети.
Премиерот Зоран Заев за првпат ја отвора можноста за формирање Влада на Национален спас во која би влегла и опозицијата.
„Нудиме соработка од секој можен аспект. Се што треба да направиме, да направиме, но дефинитивно мора да имате човек од другата страна, за да разговарате. Првпат го кажувам ова, сакам да отворам дебата за заедничка власт и Влада со опозицијата. Ама да има човек со кого може да се разговара, со господинот Мицкоски не се разговара. Или, ако кај нив има разумен човек, а кај нас нема, нека го тргнат и Заев, само двете партии да можат да разговараат. Мораме да го здружиме нашиот народ, зашто тоа ни е потребно, го знаат и тие, а го знам и јас – премногу ни е поделен народот! Второ, да ја департизираме администрацијата, а тоа е можно ако двете страни се внатре. Клиентелизмот во судството и во администрацијата ќе исчезне“, изјави Заев во интервјуто за „Слободен печат“.