Ахмети: Мешањето на Косово во изборите има голема цена за нас Албанците од Македонија

од Nikola Popovski
81 прегледи

Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети изјавил дека Косово има морална и национална обврска да го крене својот глас и да не се согласува со загрозување или кршење на Охридскиот договор и Уставот на Македонија. Сепак, Ахмети истакнал дека не е добро мешање во изборите и дека тоа има голема цена за Албанците од земјава.

„Не е добро да се интервенира, ниту од Албанија, ниту од Косово, ниту ние од Република Северна Македонија. Никој да не се меша во процесите, ниту во Косово, ниту во Албанија. Околностите најдобро ги знаат оние кои живеат и политички се организираат и во Албанија и во Косово.

Тие знаат како да ги решат проблемите. Луѓето кои живеат таму најдобро знаат кој најдобро може да ги претставува граѓаните, Албанците од Косово и Албанците од Албанија, исто така во Северна Македонија“, рекол Ахмети во интервју за РСЕ, пренесува „Репортери“.

Според него, секоја можна интервенција може да доведе до несогласувања или да предизвика огорченост кон политичарите, било во Албанија или на Косово.

„Еве пример: Артан Груби беше заменет со Иван Стоилковиќ, кој е министер за политички систем и одговорен за заедниците, значи тој е одговорен за Охридскиот договор. Стоилковиќ е пријател на (Владимир) Путин и (Александар) Вучиќ , што тој го признава и се гордее. Ова е резултат на непознавање на состојбите во Северна Македонија и оваа интервенција на властите, не сите, туку од Косово, има голема цена за нас Албанците од Северна Македонија“, рекол Ахмети.

Ахмети навел дека сите Албанци од Македонија треба да го кренат својот глас, за да не се загрози албанскиот јазик и етничката застапеност.

„Ова не е партиско прашање, туку прашање што им припаѓа на сите Албанци од Северна Македонија, но и на Албанците од Албанија. Институциите во Албанија се обврзани и принудени со Уставот да го кренат својот глас против неправдите што можат да бидат нанесени на нивните сонародници во Република Северна Македонија, или во Србија или во Црна Гора“, заклучил Ахмети.

Слични содржини