Ахмети: На 13. декември во Скопје организираме протест за поддршка на поранешните водачи на ОВК

Лидерот на ДУИ ги повикал Албанците да се приклучат на овој протест, со цел, како што рече, да ја демонстрираат чистата борба за слобода и независност

од Nikola Popovski
2 прегледи

Лидерот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети соопшти дека следниот протест за поддршка на поранешните водачи на ОВК на кои им се суди во Хаг ќе се одржи во Скопјe на 13 декември.

Ахмети истакнал дека протестот ќе започне во 13:00 часот на плоштадот „Скедербег“.

„На 13 декември, почнувајќи од 13:00 часот, ќе протестираме и во Скопјe за да бараме правда и да покажеме поддршка за ослободителите кои неправедно се држат во затворите во Хаг. Планирано е протестот да се одржи на плоштадот „Скендербег“ во Скопјe“, појаснил лидерот на ДУИ.

Тој ги повикал Албанците да се приклучат на овој протест, со цел, како што рече, да ја демонстрираат чистата борба за слобода и независност.

Ахмети веќе беше учесник на двата големи протести што беа организирани во Приштина и Тирана како поддршка на поранешните водачи на ОВК.

Инаку, на самиот финиш на предизборната кампања за локалните избори во Македонија, на два дена пред да се одржи првиот круг на гласањето, лидерот на ДУИ ненадејно ги напушти предизборните карвани на коалицијата Национална алијанса за интеграција, предводена од ДУИ и реши да присуствува на 17 октомври на протестот во Тирана во знак на „поддршка на четворицата поранешни команданти на косовската УЧК“, на кои им се суди во Хашкиот трибунал за „воени злосторства против цивилно население“ во 90-тите години од минатиот век во Косово.

Во Судот во Хаг им се суди на Хашим Тачи, Кадри Весељи, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими за воени злосторствата извршени на Косово.