Ахмети: На Албанците во Македонија не им се потребни многу партии, Курти отворено да каже дали ќе учествува на изборите

од Nikola Popovski
578 прегледи

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети порачал дека косовскиот премиер Албин Курти треба отворено да каже дали неговата партија Самоопределување ќе учествува на изборите во Македонија.

Ахмети во интервју за „РТК“ ја коментирал средбата на косовскиот премиер со лидерите на опозициските албански партии од земјава и потсетил дека она што го пренесе претседателот на Демократското движење, Изет Меџити, дека Самоопределување ќе соработува со здружената албанска опозиција, не одговара на она што Курти неодамна го кажа во Скопје, односно дека неговото движење нема да учествува на изборите.

„Ако има стратегија за камуфлирање на работите, тоа не е добро. Да ги кажеме работите отворено, ништо не не спречува“, потенцирал Ахмети.

Тој посочил дека ДУИ никогаш не била вклучена во косовските избори, иако има пријателски односи со многу партии.

„Курти во Скопје кажа дека нема да учествува на изборите и дека не е регистриран како политичка партија. Во моментов, ако го погледнеме истражувањето, ДУИ е победник на тие избори и пред да се одржат, а тоа го знаат и македонските и албанските политички партии, како и македонската албанска опозиција“, објаснил Ахмети.

Тој порачал дека на Албанците во Северна Македонија не им требаат многу партии, бидејќи колку повеќе се, толку помалку ќе бидат важни.

Ахмети повторил дека без помирување на Косово и Србија нема да има мир на Балканот.

„Сите наши стратешки партнери се заинтересирани Балканот да биде мирен и да има траен мир. Северна Македонија, како членка на НАТО, сака да стане дел од ЕУ и сака да има мирен Балкан. А за да стигнеме таму ни треба помирување. Дали знаете како започна процесот на помирување на Франција, Германија и Италија Иницијативата ја презедоа корпорациите за јаглен и челик, од таму почна, но суштината не беше обединување на корпорациите, туку суштината беше помирувањето. Без помирување , секој понатамошен договор што треба да се направи е неодржлив, осуден на неуспех. Албанците и Србите мора да се договорат или да одлучат дали ќе се борат“, нагласил Ахмети.

Слични содржини