Лидерот на ДУИ, Али Ахмети во синоќешното гостување на емисијата „Клик плус“ истакна дека е оптимист дека до крајот на годината Скопје ќе добие добра вест од Софија за преговорите со Европската Унија.
„Помеѓу Скопје и Софија во овој период се одвива „размена на документи“. На официјална Софија ѝ е испратена понуда, но не мислам дека е време да споделувам со јавноста за понудите или последните документи кои се разменети, ќе почекаме да ја видиме реакцијата од Бугарија“, изјавил Ахмети.
Тој очекува историчарите и лингвистите да им дадат насока на ваквите спорови, со цел ова прашање да не потрае бидејќи, како што вели, може да се зголемат емоциите и преписките уште повеќе. Притоа тој помош побара и од ЕУ.
И Заев и Борисов вчера без да ги откријат картите на маса, изјавија дека се подготвени за дијалог. Скопје и Софија не се далеку од договор, изјави премиерот Заев вчера и повтори дека нема да има отстапки туку решение во кое и двете страни ќе внимаваат на спротивната.