Лидерот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети вчера говорел на протестот во Приштина, организиран од страна на Здружението на воени ветерани на УЧК, за да се изрази незадоволство од работата на Специјалниот суд во Хаг. Тој порачал дека претставниците на Албанија и Македонија кои се во Советот на Европа се должни да побараат ревизија на Резолуцијата на Советот на Европа од 2011 година, бидејќи, како што изјави, од многу извори е докажано дека никогаш немало трговија со човечки органи од страна на ОВК и УЧК, поради што е побарано формирањето на Специјалниот суд.
Ахмети, исто така, рекол дека наместо Специјалниот суд да служи правда, тој служи на предрасуди.
Тој изјавил дека Специјалниот суд истражувал и неправедно ја судел само едната страна, додека, како што рече, „систематски го исклучува насилството на српската држава“.
„Понатаму, судот во Хаг соработува со државните структури на окупациска Србија, прифаќајќи ги како инкриминирачки докази материјалите доставени од оние што извршиле злосторства“, порачал Ахмети, објави „Клан Косова“.
Тој додал дека Албанците не прифаќаат дека нивната историја да ја пишуваат странци, а уште помалку, како што вели, суд кој не е надлежен за неа и кој го изгубил својот интегритет.
Протестот во Приштина се одржал „против неправдата“ што наводно ја извршил Специјализираниот совет на Косово во Хаг против поранешните водачи на ОВК и УЧК кои се обвинети за воени злосторства и злосторства против човештвото.