Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, за време на престојот во Тирана, каде што ќе учествува на протестот на Организацијата на ветерани на ОВК за поддршка на обвинетите водачи кои се наоѓаат во Хаг, беше примен на средба од претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај.
Како што информираат од ДУИ, на средбата се разговарало за актуелните случувања во регионот, евроатлантските процеси, како и за важните улоги што ги имаат Албанија и Македонија во одржувањето на мирот, стабилноста и меѓусоседската соработка.
Ахмети му честитал на Бегај за напредокот на Албанија на нејзиниот пат кон европска интеграција, нагласувајќи дека е од витално значење и Македонија да биде рамо до рамо со Албанија во овој процес.
„Патот до Брисел е национален стратешки пат што го зајакнува мирот, развојот и регионалната соработка. Двете наши земји мора да бидат рамо до рамо кон заедничка европска иднина“, рекол Ахмети.
На средбата, исто така, се нагласила важноста од зајакнување на регионалната стабилност, забрзување на интеграцијата во Европската Унија и отстранување на границите што ги разделуваат крвните браќа, кои во обединета Европа треба да станат мостови што ги обединуваат народите.