Ахмети: Немам никаков контакт со Груби ниту информации каде се наоѓа

од Nikola Popovski
68 прегледи

Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети синоќа изјавил дека нема никаков контакт и не знае каде се наоѓа неговиот довчерашен сопартиец и екс-вицепремиер Артан Груби, по кого македонската полиција распиша потерница поради сомнение за злоупотреба на службената положба и проневера во случајот „Државна лотарија“.

„Лично немам никаков контакт со Артан Груби и немам детални информации за неговата моментална локација. Мојот коментар се засноваше на она што јавно го кажаа владините претставници, како и на фактот дека тој легално ја преминал границата“, рече Груби.

Тој повтори дека цврсто верува оти секој граѓанин, вклучително и Груби, заслужува фер и непристрасен судски процес, „далеку од селективна примена на правдата“.

Лидерот на интегративците, пак, завчера изјави дека „Груби не побегнал од државата, дека е во контакт со него и дека е на албанска територија“.

По ваквата изјава на лидерот на ДУИ, реагираше премиеотр Христијан Мицкоски, кој рече дека очекува обвинителството по ваквите зборови да го повика Ахмети.

„Се надевам дека ова ќе допре до Обвинителството, бидејќи има законска процедура според која, ако имаме човек кој знае каде е бегалец од законот, ќе го повикаат тој да одговори на прашањето каде е бегалецот“, кажа Мицкоски.

Груби е осомничен за злоупотреби во „Државна лотарија“, но не е достапен на органите на прогонот, откако ја напушти Македонија непосредно пред да дојде полицијата во неговиот дом.

И СДСМ е со став дека МВР и Обвинителството треба да го повикаат Ахмети да даде исказ за да каже каде е Груби.

„Откако лидерот на ДУИ застана во одбрана на Груби, повеќе од јасно е дека самиот тој е добро информиран за тоа каде е Груби и има важни информации за случајот. Зошто Обвинителството и Тошковски не го повикуваат Ахмети да даде изјава?“, велат од „Бихаќка“.

Од Јавното обвинителство објаснуваат дека домашните и меѓународните органи задолжени со извршување на тие наредби ги имаат сите овластувања да ги преземат сите неопходни дејствија за трагање по лицето, вклучително и да повикуваат и да вршат разговори со други лица кои би можеле да имаат некои сознанија за локацијата на која се наоѓа осомничениот.

За полициски акции кои делумно беа саботирани, премиерот вели, дека очекува истото да се повторува уште извесен период, сè додека има рецидиви од поранешната власт во овие структури.

Слични содржини