Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, предупредува на „сеалбански бунт“ доколку Специјалниот суд во Хаг ги осуди поранешните водачи на терористичката ОВК. Во интервју за косовската „Т7“, Ахмети рекол дека никој не може да го контролира албанскиот бунт доколку Специјалниот суд во Хаг ги осуди Хашим Тачи и другите.
„Повеќе од вистина е дека никој не може да даде гаранции дека незадоволните луѓе, луѓето што беа на фронтот со нив, кои заедно го делеа доброто и лошото, ќе бидат задоволни. Никој не може да ја даде оваа гаранција. Не можам ни јас да ја дадам – дека може да има такви групи што можат да се соберат за да го изразат својот револт затоа што тоа не е бунт што некој може да го контролира“, рекол лидерот на ДУИ.
Како што додал во телевизиското гостување, самото обвинување против ОВК е навреда за албанската нација.
„Обвинувањето на ОВК дека е заеднички злосторнички потфат е навреда не за армијата, туку за нацијата како целина, не само за Косово, туку за целата албанска нација“, истакнал Ахмети.
Денеска во Тирана, Албанија ќе се одржи протест под мотото „Слободата има име“, во знак на поддршка на поранешните лидери на Ослободителната војска на Косово, на кои им се суди во Хашкиот трибунал за воени злосторства.