Прашањето за федерализација на Македонија и особено прашањето за тоа дали и кој се залага за редефинирање на државата, стана актуелно во периодот по распуштањето на Собранието заради закажаните избори на 5 јуни. Дали се разговара за тоа прашање помеѓу водечките партии и што конкретно мисли за ваквиот проект беше прашан лидерот на ДУИ Али Ахмети во интервју за емисијата „Животот во Косово“, на косовската државна телевизија РТК, кое ќе се емитува во четврток, а цитира Телма. Во промото за интервјуто се издвоени токму прашањето и одговорот на оваа тема.
-Што вие мислите за ова прашање?
-Не може да се прави федерализација во една земја во која не можете да одлучите каде би била границата, каде не знаете каде започнува а завршува еден ентитет, а каде почнува друг. За да се отпочнесо таква тема треба да ја знаете конфигурацијата, географијата, демографијата, населбите во земјата. Договорот од Охрид најдобро ги решава проблемите. Двата ентитета живеат заедно, потребни се добри политики и закони, не е потребно нешто друго. Како можете да креирате федерација или конфедерација кога за федерација или конфедерација се потребни и конкретни граници?
Ахмети категорично даде одговор дека е против федерализација на Македонија. Лидерот на ДУИ и претходно не застапувал став за ново редефинирање на државата, туку повторува дека во моментот најдоброто решение за стабилноста и соживотот е Охридскиот договор.
Дел од опозициските партии на Албанците изминативе месеци го истакнуваа ставот дека треба да се промени Уставот, Македонија да биде бинационална држава со сите права за другите етнички заедници.
Тврдењата дека се преговара за федерализација особено се засилија по изјавата што за Телма ја даде претставник на Албанската дијаспора за Македонија кој имал средба со лидерот на СДСМ.
-Не кријам дека се залагам за федерализација, тоа не го криев ниту кај Заев, но не одлучуваат ниту дијаспората ниту Заев, вели Муса Љамалари -тим Шкупи, претставник на албанската дијаспора за Македонија
Притоа, дел од медиумите кои ја презедоа оваа изјава ја ставија во своја функција со едноставно кратење на зборовите – не одлучуваат ниту дијаспората, ниту Заев./цитира Телма