Ахмети со отворено писмо: Реториката „можете да зборувате албански колку сакате, но има само еден официјален јазик“ не е ниту модерна ниту европска

„Држава што тежнее кон Европа не треба да ги намалува веќе стекнатите права. Во тој контекст, албанскиот јазик како официјален јазик не е отстапка, ниту привилегија, ниту политичка милост“, порача лидерот на ДУИ

од Nikola Popovski
52 прегледи

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети преку отворено писмо до јавноста се осврнува на статусот на албанскиот како официјален јазик. Порачува дека за него, албанскиот јазик не е и никогаш нема да биде предмет на преговорање.

„Јас го кажав и ќе го повторувам без никаква резерва: Охридскиот договор е темел на оваа држава и кој го доведува во прашање, ја доведува во прашање самата иднина на државата. Албанскиот јазик не е привилегија, туку стекнато право загарантирано со Уставот. Секој обид да се релативизира или ограничи тоа право е директен предизвик на уставниот поредок и нема да помине без одговор. Албанците во оваа земја никогаш не го оспорувале македонскиот јазик и македонскиот идентитет; напротив, постојано се определувале за заедничка, унитарна, евроатлантска и европска Македонија. Ова е вистината што треба јасно да се каже: еднаквоста на Албанците не ја ослабнала државата, туку ја зацврстила. Не го загрозила заедничкото живеење, туку ја направила поправична. Не ја разнишала западната ориентација на земјата, туку ја овозможила“, истакнува Ахмети.

Лидерот на ДУИ, сепак, вели дека со загриженост се следат и одредени пристапи на институциите, особено во Уставниот суд, кои, како што вели, создаваат непоколебливо уверување дека во чувствителни прашања за меѓуетничките односи не преовладува професионалниот и уставниот аргумент, туку етнички мнозинска логика, застарена која не се совпаѓа со духот на Охридскиот договор.

„Ова е причина за сериозна државна внимателност. Институциите, особено Уставниот суд, треба да бидат чувари на еднаквоста, а не простор каде што се доведува во прашање она што е стекнат стандард на демократската коегзистенција…

Држава што тежнее кон Европа не треба да ги намалува веќе стекнатите права. Во тој контекст, албанскиот јазик како официјален јазик не е отстапка, ниту привилегија, ниту политичка милост. Тој е стекнато право, израз на мултиетничкиот карактер на државата и потреба за правичен и стабилен уставен поредок.

Секоја сериозна политичка партија што тврди дека е државотворна треба да размисли. Нетрпението не нè води напред. Реториката „можете да зборувате албански колку сакате, но има само еден официјален јазик“ не е ниту модерна, ниту државотворна, ниту европска. Таа не носи мир, туку создава напнатост; не гради мостови, туку продлабочува поделби; не лечи, туку ги отвора раните што земјата скапо ги платила; и не ја зацврстува државата, туку го подрива самиот основ на коегзистенцијата.

Не сакам никој во оваа земја да се чувствува загрозен од еднаквоста. Ниту Македонецот од правата на Албанецот, ниту Албанецот од институциите на државата. Ова е вистинското значење на коегзистенцијата: да живееме со сознанието дека државата е на сите и дека никој не треба да бара почит како милост, туку да ја ужива како право“, наведува, меѓу другото, Ахмети во јавната објава на социјалните мрежи, додавајќи дека Уставниот суд треба да се откаже од тоа да биде параполитична институција и инструмент на дестабилизирачки агенди што ја разнишуваат уставноста и еднаквоста во земјата.

Пред два дена, Уставниот суд соопшти дека го добил мислењето од Венецијанската Комисија во врска со предметите во коишто се оспорени одредби од Законот за употреба на јазиците. Во воведот од Заедничко мислење amicus curiae на Венецијанската комисија и Генералниот директорат за демократија и човечко достоинство за меѓународните и европските стандарди за употребата на малцинските јазици во јавниот живот и во судските постапки се наведува дека „со допис од 20 ноември 2024 година, претседателот на Уставниот суд на Македонија побара мислење amicus curiae од Венецијанската комисија во контекст на предмет што е во постапка пред Судот, а што се однесува на уставноста на Законот за употреба на јазиците, што Собранието го усвоило во март 2018 година.

„Не ми пречи мене ниту албанскиот ниту кој било јазик на светов. Не знам зошто се вознемирувате. Но, според Уставот – официјален јазик во оваа држава на целата територија е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо“. Ова го изјави премиерот Христијан Мицкоски во одговор на пратеничко прашање од пратеникот Скендер Реџепи од „Европскиот фронт“ на последната седница за пратенички прашања, во врска со употребата на јазиците и правичната застапеност. Реџепи обвини дека и покрај економската криза во државата, главна тема на Владата се нападите кон, како што рече, правата на Албанците кои им следуваат согласно со Уставот, како и употребата на албанскиот јазик. Во одговор до пратеникот, премиерот Мицкоски рече дека нему лично не му пречи ниеден јазик, но дека според Уставот, македонскиот е официјален јазик на целата територија на државата.

Слични содржини