Ова ребрендирање нè приближува до НАТО затоа што и НАТО излезе со зелена агенда. Исто така по нас и Г7 се ребрендира, а и Еди Рама излезе со таква агенда, кажа претседателот на ДУИ, Али Ахмети во емисијата „Клан дебата“ осврнувајќи се на ребрендирањето на партијата и зелената агенда.
– Тоа значи дека ние се мериме со нив, не се мериме со СДСМ и со ВМРО- ДПМНЕ. Зачувувањето на животната средина нема идеолошка дефиниција, лево или десно – рече Ахмети.
Лидерот на ДУИ, во обраќањето по повод 19 роденден на партијата, објави дека зелената агенда станува нејзин дел на локалните избори.
„На 19. роденден на ДУИ започнуваме нова политика, нов начин на водење политика и директно дејствување, политика за еколошка правда и квалитетен живот. Зелената агенда станува дел од Демократската унија за интеграција”, рече Ахмети, истакнувајќи дека тој и неговите соработници веќе се фокусираат целосно на квалитетот на животот, условите за живот, развојот, квалитетно образование и здравство, неселективна правда, дигитализација, социјални политики, инфраструктура, економија и животна средина.