Претседателот на ДУИ, Али Ахмети на прашањето за односите со ВМРО-ДПМНЕ, откако генералниот секретар на најголемата владејачка партија бил присутен на партискиот конгрес, одговорил дека сите партии биле поканети од страна на ДУИ.
На прашањето кои се црвените линии на ДУИ за соработка со ВМРО-ДПМНЕ, Ахмети рекол дека што се однесува до избори, тие се подготвени во секое време и бараат да се одржат.
„ДУИ има свои принципи, има своја рамка што не ја надминува, тоа е Охридскиот договор кој мора да се спроведува педантно, тоа е Преспанскиот договор, кој мора да се почитува и спроведува, тоа е Договорот за добрососедство, а на овие три историски договори за стабилноста на Македонија и нејзината иднина, проценивме дека треба да се додаде и Национален договор за развој и напредок“, изјавил Ахмети во интервју за Тв Шења.
Лидерот на ДУИ истакнал дека партијата на Христијан Мицкоски во изминатите седум години води кампања против ДУИ што, како што вели, поттикнува поделба и раздор меѓу народот.
„Тоа е голема научна вистина која вели дека народите не се виновни за деструктивни движења, туку политиката е таа што ги насочува, така што има судири меѓу етникумите. Оваа земја има иднина со соработка и комуникација меѓу двата најголеми народи во Македонија, Албанците и Македонците, оваа земја има иднина со добри меѓуетнички односи“, додал Ахмети.
Тој, исто така, изјавил дека разговарал со најголемите македонски партии и им рекол дека треба повеќе да работат со граѓаните.
„Убедете ги дека Охридскиот договор го менува статусот и карактерот на државата. И ВМРО и СДСМ направија малку за да дадат објективно објаснување на Охридскиот договор, а како резултат на неактивноста на политичките партии, обичните македонски граѓани наоѓаат инспирација во тој дел“, додаде Ахмети, велејќи дека „македонските политики биле целосно вазални кон Белград“ и дека „во Скопјe се правеле политики и експерименти против Албанците“.