Денес се одржува вториот ден од „Преспанскиот форум за дијалог“, на кој учествуваат првите луѓе на државите, речиси од сите околни земји, но и еврофункционери и политичари од САД.
Премиерот на Албанија, Еди Рама исто така е присутен на настанот, при што објави фотографија, како се прегрнува со лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
„Во оваа прилика, Ахмети му го честиташе на Рама третиот мандат, додека на состанокот се дискутираше за надминувањето на предизвиците што ги очекуваат нашите земји но и регионот, на патот кон европската интеграција. Спорот меѓу Република Северна Македонија и Грција, беше преседан во политичката историја и за нејзино решавање беше потребно да се најде иновација што би била пример во политичката историја и меѓународните односи, кое го постигнавме во време кога сите рекоа дека е невозможно, а денес гледаме позитивни резултати од овој договор“, нагласил Ахмети.
Исто така, било констатирано дека сонцето за албанците и сите земји од Западен Балкан изгрева на запад и по членството во НАТО, Албанија и Република Северна Македонија наскоро ќе бидат дел од големото европско семејство бидејќи мирот, стабилноста и добрите односи со соседните земји се на вистинско ниво.
Рама, Ахмети и косовскиот премиер Курти, пиеле заедничко кафе пред панелот во Охрид.