Лидерот на ДУИ вели дека повиците за федерализација на Македонија се непрактични и ги отфрла тврдењата дека неговата ДУИ е марионета на владејачката ВМРО-ДПМНЕ- информира БИРН.
Али Ахмети, лидерот на Демократската унија за интеграција, се произнесе по сѐ побројните повици во етничката aлбанска заедница за федерализација, нарекувајќи ја идејата непрактична. Во интервју за БИРН тој вели дека неговата партија донела добра одлука да остане во Владата, бидејќи, според него, гласачите ја избрале нивната партија за да ги претставува, а не „за да шета по улиците“.
Според Ахмети, поделбата на Македонија на две федерални единици би билa проблематична, бидејќи многу луѓе живеат во етнички мешани средини.
„За да дискутирате за такви теми, мора добро да ги познавате конфигурацијата, географијата на земјата, нејзините населби. Како ќе направите федерација или конфедерација во која тие две федерални единици ќе имаат дефинирани граници и територии?”, прашува тој.
Ахмети, кој ги предводеше паравоените формации на етничките Албанци во Македонија за време на шестмесечниот конфликт во 2001 година, вели дека комплетното спроведување на Охридскиот рамковен договор постигнат со помош на меѓународната заедница во 2001 година со којшто се гарантираат повеќе права за Албанците, кои сочинуваат најмалку една четвртина од вкупното население, сѐ уште е најдоброто решение.
Охридскиот договор, во теорија, вели Ахмети, би требало да ги реши главните проблеми помеѓу Македонците и Албанците, „за двете заедници да бидат еднакви”.
Сепак, Ахмети признава дека 15 години по потпишувањето на Договорот, имплементацијата во некои делови е заглавена.
„Ни останува уште многу работа. Во реалноста е нормално да се соочувате со тешкотии, пречки”, вели тој.
Во врска со повиците албанскиот јазик да стане официјален низ цела Македонија, не само во областите со бројно албанско население, Ахмети предвидува дека тоа ќе се случи „многу скоро” и дека е „само прашање на време”.
Повеќе ТУКА