Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети денеска од Приштина порачал дека не е добро што односите на Косово со САД и ЕУ се заладени, бидејќи, според него, тешко е Косово да стане дел од НАТО без помош на сојузниците.
Како што пренесуваат дел од косовските медиуми, на свеченоста што ја организирал претседателот на партијата АБК, Рамуш Харадинај по повод Денот на борците на ОВК, Ахмети истакнал дека Косово е ослободено заедно со сојузниците и затоа, според него, потребно е многу поголемо единство.
„Вие сте највисоката класа на жртва и залагање што денеска Косово е држава. Но, мисиите сè уште не се завршени. Повеќе од кога било, ни треба единство за да застанеме еден до друг. Не ме радува тоа што односите со Америка и Европа се толку ладни, бидејќи без организација на САД, ЕУ и нашите сојузници во НАТО, тоа е многу тешко. Заедно со нашите сојузници го ослободивме Косово. Ни треба уште посилно единство. Со влезот на Косово во НАТО и ЕУ, граѓаните ќе живеат слободно, во мир и стабилност“, кажал Ахмети.