Политикантски и тенденциозни се последните обвинувања на Цветан Трипуновски од ВМРО – ДПМНЕ дека во прашање е доведено спроведувањето на инспекциските контроли на Агенцијата за храна и ветеринарство поради нерегистрирани возила, алудирајќи дека поради тоа се доведува во прашање безбедноста на храната и здравјето на граѓаните. Трипуновски да не се грижи. АХВ е институција која досега докажа дека се грижи за безбедноста на храната и здравјето на граѓаните. Место нагаѓање и манипулирање, Трипуновски нека си ја гледа партиската агенда, но, не на штета на граѓаните, реагираат утрово од Агенција за храна и ветеринарство (АХВ).
Од таму тврдат дека граѓаните јадат безбедна храна и дека контролите редовно се спроведуваат.
-Агенцијата располага со 117 службени возила од кои 79 во моментов се регистрирани, а за остатокот во тек е јавна набавка за избор на осигурителна компанија. Во функција на немање застој во спроведувањето на инспекциските контроли, направен е распоред за најрационално искористување на регистрираните возила и тој беспрекорно функционира, во функција на граѓаните. Повлекувањето на производи од маркетите, што за Трипуновски е сомнеж, за АХВ е само потврда дека инспекциските контроли беспрекорно се спроведуваат и дека граѓаните јадат безбедна храна, порачаа од АХВ.
Претходно Трипуновски исткана дека АХВ не може да излезе на терен и да врши проверки, затоа што, како што тврди, директорот не ги регистрирал навремено возилата.
-Замислете во моментов институцијата која е најповикана за контрола и надзор на безбедноста на храната и животните повеќе од десет дена е со нерегистрирани возила!
Додека секојдневно сме сведоци како од маркетите се повлекуваат сомнителни прехрамбени производи, додека низ државата беснее свинската чума, се увезува храна која не се контролира, инспекторите се со “врзани раце” т.е заради неажурност на директорот Бабовски агенцијата е оставена без тендер за регистрација на службените возила одн. не се извршуваат законските надлежности на Агенцијата, објави Трипуновски.