АХВ го одзеде кучето поради малтретирање, следува казна за сопственикот

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) соопшти дека е одземено куче по спроведен инспекциски надзор, откако на социјалните мрежи беше објавено видео на кое се гледа како дете го малтретира животното.

од desk4
31 прегледи

Инспекцискиот надзор бил извршен од страна на АХВ во соработка со Центарот за социјални работи Охрид и Министерството за внатрешни работи. Реакцијата уследи по бројни пријави и иницијативи од граѓани, кои побарале итно постапување поради случајот.

При контролата било утврдено дека кучето не било идентификувано со микрочип и дека не било вакцинирано, што претставува прекршување на законските обврски. Поради тоа, на сопственикот ќе му биде изречена соодветна парична казна.

Како инспекциска мерка за нарушена благосостојба на животното, АХВ донела одлука кучето да биде одземено од сопственикот, со цел негова заштита и спречување на понатамошно малтретирање.

Од Агенцијата нагласуваат дека ќе продолжат со засилени контроли и апелираат до граѓаните да пријавуваат случаи на насилство и запоставување на животни.