Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) соопшти дека „канцерогено“ млеко со афлатоксин по потекло од Србија , повеќе нема на полиците во маркетите. Денес, со согласност на извозникот, од граница, тоа се враќа во Република Србија согласно законски дефинираните процедури.
„За да нема идни шпекулации и замајувања на јавноста, дека граѓаните во земјава пијат небезбедно млеко со афлатоксин, одговорно тврдиме дека со цел спречување на ризикот по јавното здравје, поради утврдено зголемено присуство на афлатоксин М1, на сила е Решението за безбедносни мерки при увоз на млеко, производи од млеко и храна за исхрана на животни од 1 декември минатата година кое го донесе Агенцијата за храна и ветеринарство. Со него се врши задолжително лабораториско тестирање на присуство на афлатоксин М1 на секоја пратка со млеко и производи од млеко која се увезува во земјава, а е по потекло од Република Србија или од Босна и Херцеговина“, информираат од агенцијата.
Оттаму, додаваат, небулозно е денешното тврдење дека небезбедно млеко по потекло од соседна Србија завршило на рафтовите во продавниците.
„Веста на Трипуновски за афлатоксинот во сурово млеко по потекло од една од поголемите млекарници е стара неколку месеци, иако и со неа денес се обиде да манипулира. Ова млеко, во согласност со операторот, уште во април годинава нештетно е уништено и не стасано во прометот“, порачаа од АХВ.
Од опозициската партија во прилог на денешното соопштение го објавија и извештајот од испитувањето на трајното млеко за кое тврдат дека е канцрогено, а кое е со рок на траење до 3 февруари 2024 година.
Претседателот на комисијата за земјоделство, шумарство и водостпанство на ВМРО-ДПМНЕ, Цветан Трипуновски додаде дека нив стигнала и информација оти надминување на максимално дозволеното ниво на присуство на афлатоксин М1 е детектирано и во сурово млеко во една од поголемите млекари во земјава.