АХВ: Запленети вкупно 4,5 тони путер со поминат рок, утре ќе се уништи на „Дрисла“

од Vladimir Zorba

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) вечерва соопшти дека се запленети вкупно 4,5 тони путер со изминат рок кој утре ќе биде уништен на „Дрисла“. Во соопштението се наведува дека путерот, чиј увозник е млекарницата „Евро Млекара“ од Скопје, е повлечен бидејќи е утврдено дека рокот на декларацијата не соодветствува со увозната документација за производот според која рокот на употреба бил до 2019 година.

„Во неколку последователни контроли во млекарницата и кај дел од нејзините дистрибутери, повлечени се вкупно 4.325 килограми увозен путер, за кој е утврдено дека е со изминат рок до 2019 година. Производот е повлечен бидејќи е утврдено дека рокот на декларацијата на производот (13.02.2021 година) не соодвествува со увознатна документација за производот, според која, рокот на употреба бил до 2019 година“, истакнуваат од АХВ.

Од страна на АХВ, потоа се спроведени дополнителни контроли во истата млекарница и кај дел од дистрибутерите.

„При тоа, запленети се нови количества на путер со изминат рок на употреба, со што вкупната количина на запленет увозен путер за кој застапник е млекарницата „Евро Млекара ДООЕЛ“, достигна скоро 4,5 тони. Дополнително ќе се спроведат контроли и на останатите производи од оваа млекарница“, додаваат од АХВ.

Целокупното количество на увозен путер со поминат рок, ќе биде уништено утре на депонијата Дрисла. Контролите од страна на АХВ продолжуваат и во текот на следната недела на повеќе млечни производи од различни домашни и странски млекарници, што се продаваат на македонскиот пазар. АХВ ќе постапи неселективно и во рамките на своите надлежности кон сите што ги прекршиле законските правила за продажба на производи. Со оваа акција на АХВ е спречено загрозување на здравјето на граѓаните со небезбедни производи.

Слични содржини