Во првите три месеци од годината, францускиот снабдувач на автоделови Forvia ги зголеми приходите за 2,6% на 6,7 милијарди евра. Компанијата успеа да ублажи околу половина од својата проценета изложеност на американските царини и се подготвува да го покрие и остатокот, изјави извршниот директор Мартин Фишер во четвртокот. Forvia извезува стоки произведени во нејзините фабрики во Мексико кон САД, каде од март се наплатува царина од 25% за увоз од јужниот сосед.
Клиенти на компанијата се автомобилските гиганти Stellantis, Volkswagen и Ford. Компанијата се обидува да го ублажи влијанието на тарифите преку преговори со клиентите, за да ги вклучи зголемените трошоци во продажните цени. Паралелно, разговара и со своите добавувачи за промена на договорите и прилагодување на синџирот на снабдување.
„Се погриживме да ги искористиме клаузулите за пренос на трошоци и да преговараме со клиентите. Работиме на оптимизирање на синџирот на снабдување, и воедно се стремиме кон максимална искористеност на капацитетите во нашите американски фабрики, со цел да обезбедиме поголема флексибилност во трошоците низ сите погони“, изјави финансискиот директор Оливие Дуранд.
Forvia, исто така, ги намали инвестициите за подобро справување со пазарната нестабилност, скратувајќи ги капиталните расходи и трошоците за развој за повеќе од 100 милиони евра во 2025 година, во споредба со минатата година. Компанијата планира дополнително да ги намали фиксираните трошоци преку суспендирање на нови вработувања на глобално ниво, итно намалување на договорите на определено време, ограничување на патувањата, како и намалување на маркетинг трошоците преку откажување на присуство на саемите CES и IAA.
Forvia планира до крајот на 2026 година да продаде средства што не се дел од нејзиниот стратешки бизнис. Според извршниот директор, интерес за тие средства покажале главно компании надвор од Европа. Во првиот квартал, приходите на компанијата пораснаа за 2,6% на 6,7 милијарди евра, надминувајќи го глобалниот автомобилски пазар, според последната прогноза на S&P Global Mobility. Приходите во Кина се зголемиле за 4,6%, достигнувајќи 1,3 милијарди евра.
„Иако резултатите во Кина генерално се послаби, тие вклучуваат натамошно проширување на соработката со кинеските производители, особено со BYD и Chery“, додаде Дуранд.