Високиот подем на вештачката интелигенција несомнено, како во светот така и кај нас, полека но сигурно претставува опасност од замена на повеќе работни места. Следствено на ова, неизоставно е прашањето колку технологијата сама по себе е добра или лоша, затоа што дури и кај нас за некое време би можела да влијае и на создавање на вишокот на работници.
Основач и извршниот директор на технолошка компанија „Imperum“, Сенад Аруќ за „Локално“ вели дека вештачката интелигенција (ВИ) веќе не е футуристички поим – таа е дел од нашата секојдневна реалност.
Посочува дека од тоа како бараме информации, до начинот на кој комуницираме и работиме, ВИ ја менува динамиката на општеството. Сепак, напоменува, најважно е човекот да остане во центарот на процесот.
-Технологијата треба да ја засили човечката интелигенција, не да ја замени. Кога ВИ се користи свесно и етички, таа може да го прошири нашето разбирање и да ја зголеми продуктивноста без да ја изгубиме човечката суштина. Да, ВИ ќе ги промени пазарите на труд – тоа е неизбежно. Но, наместо да зборуваме за губење работни места, треба да зборуваме за трансформација на работни улоги, појаснува Аруќ.
Како што појаснува, рутинските и повторливи задачи ќе исчезнат, но ќе се појават нови професии – AI оператори, инженери за автоматизација, етичари за ВИ, контролори на податоци.
Според Аруќ, највредни ќе станат луѓето кои умеат да работат заедно со интелигентните системи, не спротивставено на нив.

Фото: „www.securityinnovationstories.com“
Тој е на ставот дека Македонија има талент, но недостасува стратегија и системска поддршка.
-Многу инженери веќе работат на ВИ проекти за странски компании, но земјата сè уште нема национален план за интеграција на ВИ во економијата. Следниот чекор е создавање локални ВИ решенија, кои ги разбираат јазикот, културата и специфичните податоци. Само така ќе можеме да зборуваме за вистинска дигитална независност, појаснува Аруќ.
На прашање треба ли ВИ да биде предмет во училишта од најмала возраст, Аруќ одговори дека треба, и тоа што е можно порано.
Но, појаснува, ВИ не треба да се учи само како техничка дисциплина – туку како начин на размислување и одговорност.
-Децата треба да научат што е алгоритам, што е податок, и како се носат одлуки базирани на податоци. Тоа ќе ја развие нивната логика, креативност и етичка свест, што ќе биде клучно во идната економија, вели Аруќ.
Во однос на тоа колку нашите компании користат ВИ, Аруќ потенцира дека во Македонија, употребата на ВИ е сè уште ограничена на ИТ, телекомуникацискиот и банкарскиот сектор.
Тој појаснува дека повеќето компании ја применуваат преку анализа на податоци, автоматизација и дигитални асистенти.
-Сепак, расте интересот за локални и безбедни ВИ системи, особено кај организациите што работат со чувствителни податоци. Ова покажува дека ВИ веќе не е тренд, туку реална потреба за конкурентност и ефикасност, вели Аруќ.
Од автоматизацијата, вели Аруќ, најранливи се оние кои вклучуваат повторливи задачи и обработка на податоци – сметководство, административни позиции, и клиентска поддршка.
-Но, професиите што бараат емпатија, критичко размислување и креативност ќе добијат уште поголема вредност. Тука човекот секогаш ќе биде ненадоместлив, вели Аруќ.
Тој останува на ставот дека технологијата сама по себе не е ни добра, ни лоша – зависи кој ја користи и со која цел.
ВИ, како што посочува, не треба да ја гледаме како конкуренција, туку како партнер што може да ни помогне да донесуваме подобри, побрзи и посигурни одлуки.

Фото: Фејсбук/Принтскрин/ТВ Сител
Претседател на Организацијата на работодавци, Ангел Димитров за „Локално“ вели дека вештачката интелигенција ќе внесе големи промени во сите дејности од стопанството.
Тој е на ставот дека во администрацијата, како во стопанството, така и во јавниот сектор ќе се намали бројот на работниците, додека во производните капацитети тоа ќе се случи со воведување на роботи во производството.
Првично, вештачката интелигенција се воведува во ИТ индустријата, банкарството, но и во администрација во сите други дејности. Затоа сметам дека во администрацијата, како во стопанството, така и во јавниот сектор ќе се намали бројот на работниците, додека во производните капацитети тоа ќе се случи со воведување на роботи во производството, вели Димитров.
Тој е на ставот дека ќе се појават потреби од некои нови занимања, но нивниот број ќе биде по мал.
Како што посочува, во Македонија не би требало да се јави голем вишок на работници, затоа што во моментов имаме недостиг од работна сила, а тенденцијата на селење на работници надвор од земјата ќе продолжи се додека животниот стандард и условите на живеење не ги доближиме до европските.
Б.Т.