Знаењето е константа која носи успех. Како мала земја, без излез на море, без наоѓалишта на нафта и природен гас…, немаме избор освен да одиме напред со знаење, учење, со развој на сопствените мозоци, на креативноста, со иновации, со развој на претприемничкиот дух, со вложување во себе.
Ваква порака упати денеска премиерот Никола Груевски обраќајќи се на Свечената академија по повод Денот на независноста на Република Македонија во МНТ и праша како ќе го направиме тоа ако сакаме оценки без знаење, ако бегаме од основниот двигател на повеќето науки – математиката и ако се плашиме од тестирање на нашето знаење.
– За нашиот индивидуален, па и колективен успех, одговорноста е наша. Колку ќе вложиме во себе, толку и ќе добиеме за себе. Се додека опозицијата планира на власт да дојде преку поддршка на незнаењето, ќе имаме проблем. Ве молам тргнете ги рацете од децата, и од младите. Приказната со ЕУ и НАТО е прекрасна. Ама без знаење, без учење, и во таа ЕУ ќе бидеме секогаш на опашката, на дното, најслаби, во подрумот. Секогаш други ќе управуваат со нашите животи и планови. Ајде да свртиме нова страница. Да градиме силни, по знаење и креативност индивидуи, па за 20 години да видите што е силна држава. Да не ги лажи некој луѓето дека ЕУ ќе ги реши сите наши проблеми. ЕУ ни треба, таа е голема шанса, но за тие кои имаат развиен капацитет и знаење да ја искористат. За другите многу малку ќе им смени.Се зависи од нас, потенцира Греувски.
Според него, коренот е во атмосферата која ја изгради транзицијата, рушењето на основните морални вредности и појавата на новопечени богаташи кои преку ноќ се збогатија и недоволно посветеното време кон своите деца сакаа и почнаа да го заменуваат со притисоци кон наставниците да им пишуваат највисоки оцени на нивните деца независно какво е нивното знаење.
Со тоа, додаде, постигнуваа краткорочно ефект на услуга кон нивните деца, покажување моќ и наводна грижа, а од друга страна несвесно создаваа паразити од нивните деца, луѓе со лоши животни навики пред се за добивање нешто без заслуга, туку по нечесен и заобиколен пат, и непријатности низ целиот нивен живот заради недоволното стекнато знаење.
Основните вредности, смета тој, се столбот на општеството и не смееме да ги рушиме. Загрижувачки е, посочи Груевски, отпорот на дел од народот кон знаењето и учењето.
– Мошне загрижувачки. Особено оној на дел од родителите. Формирањето на партиски пленуми, охрабрувањето на учениците наместо да учат, да протестираат против проверката на знаењето, ќе бидам отворен е катастрофа за општеството, рече Груевски.
Ваквиот став на Груевски следи откако опозицијата се врати во собранието и предложи законски измени за укинување на екстерното тестирање, кое лани придизвика низа протести на средношколците. Ако се суди по политичките изјави кои Премиерот ги даваше пред и по аферата “Прислушување”, дека не прифаќа преговори со опозицијата, дека не прифаќа преодна Влада итн., овој говор може да се толкува како ПР навестување дека власта ќе попушти пред предлогот на СДСМ, за да спречи понатамошни протести и и негодувања пред изборите на пролет.
