Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители денеска на јавна седница не избра директор по огласот на Академијата.
На огласот за директор на Академијата пристигнати биле две кандидатури, од актуелната директорка Наташа Габер Дамјановска и судијката Оља Ристова.
За Габер Дамјановска четворица гласаа „за“ и пет „воздржани“, додека за Ристова еден „за“ и осум „воздржани“. За избор на директор потребни се минимум пет гласа „за“ од девет членови на УО.
Според образложението на членот на УО на Академијата судијката на врховен суд на РСМ Цветанка Периќ, и двете кандидатки го исполнуваа условот за директор на АСЈО.
Претседателот на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители, судијата Лазар Нанев појасни дека, актуелната директорка Габер-Дамјановска ќе ја извршува функцијата до истекот на нејзиниот мандат, до крајот на годината и најави дека повторно ќе биде објавен оглас за избор на директор на Академијата.