Академикот Кедев се повлекува од советот во Министерството за здравство поради застој во истрагите за кардиохируршки интервенции

Професорот и академик, кардиологот Сашко Кедев, поднел оставка од Здравствениот совет при Министерството за здравство, потврди телевизијата Канал 5.

од desk4
15 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/ТВ Сител

Како причина за повлекувањето се наведува застојот во започнатите контролни процеси поврзани со сомнежите за непотребни и скапи кардиохируршки интервенции.

Во својата оставка, Кедев посочува дека по иницијалните контроли не било направено понатамошно институционално придвижување, иако, како што претходно укажал, кај дел од пациентите биле извршени тешки интервенции кои не биле медицински оправдани.

Засега нема официјална потврда дали и кога ќе започне со работа најавената комисија со странски експерти, која треба да помогне во расчистување на случајот.

Дел од членовите на комисијата реагираат и на составот на телото кое ги спроведува контролите, наведувајќи дека во процесот не биле вклучени доволно стручни и релевантни кадри од областа на кардиологијата, туку лекари интернисти и специјалисти по судска медицина.

Скандалот со наводно непотребните кардиолошки интервенции во приватни здравствени установи го обелодени токму Кедев, кој во интервјуа изјави дека кај пациенти на редовни контроли било утврдено оти интервенциите не биле неопходни, иако за нив биле исплатени значителни средства од Фондот за здравствено осигурување.

Министерот за здравство засега не ја потврди официјално причината за повлекувањето на академикот Кедев од советодавното тело.