„Јуриздикција на територијата на Северна Македонија има само македонската полиција и не може да има никој друг. Ние ја подготвувавме акцијата за заплена на дрога, а по наша проценка побаравме техничка поддршка“ изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во „Само интервју“ на Канал 5.
Тој додаде дека техничка поддршка од нашите партнери ќе се бара и во иднина и кажа дека акцијата била подготвувана во соработка со повеќе држави од ЕУ за обезбедување на јужната граница.
„Постапката се водеше преку посебни истражни мерки, акцијата траеше подолго време. Требаше да се обезбедат и финансиски средства за реализација на акцијата. Така се утврди дека незаконски дејства презел и командирот на полициска станица, кој исто така беше уапсен со сите други во акцијата“, рече Спасовски.
Во врска со постигнатите спогодби на обвинителството со обвинетите во случајот, Спасовски рече дека тоа е работа на судските органи во согласност со Законот за кривична постапка.
„Дали тоа е најдобро решение треба да се разговара и преиспита, но јас сметам дека мора да се направи ревизија. Граѓанинот мора да ја види крајната цел од водењето на истражната постапка, да видиме која е одговорноста, кој е одговорен и како тоа ќе се ефектуира, дали со затворска казна, конфискување имот“, рече Спасовски.