– Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија на лицето Сретен Миладиноски му издаде дозвола да даде понуда за преземање на „Жито Караорман” АД Кичево. Понудата за преземање се однесува на 8.426 обични акции со право на глас и 126 приоритетни кумулативни акции, сите издадени од „Жито Караорман” АД Кичево. Преземањето на хартиите од вредност ќе се врши по цена од 1.000 денари по акција. Понудената купопродажна цена се однесува на двата родови акции издадени од „Жито Караорман” АД Кичево.
Според соопштението од КХВ, најмалата количина на обичните акции кои треба да бидат откупени за понудата да биде успешна е 691 обични акции, што претставува 6,25 проценти од вкупниот број обични акции издадени од „Жито Караорман” АД Кичево. Вкупниот број обични акции на „Жито Караорман” АД Кичево кој преземачот треба да го стекне заедно со хартиите од вредност кои веќе ги поседува треба да изнесува 30 проценти.
За приоритетните кумулативни акции на кои се однесува Понудата за преземање, преземачот не определил најмала количина која треба да се прифати за понудата да се смета за успешна.
На вчерашната седница на Комисијата за хартии од вредност е дадена согласност Андреј Богдановски да биде именуван за директор на брокерската куќа „Иново Брокер” АД Скопје со мандат од четири години. /МИА
