Претседателот на ДС и пратеник, Павле Трајанов смета дека е добро што министерот за внатрешни работи во техничката Влада доаѓа од опозицијата. Тој, според него, е своевидна гаранција дека МВР со своите ресурси ќе биде во функција да спречи кршење на изборните правила.
За новиот технички премиер Талат Џафери, Трајанов вели дека е проблем што лидерот на ДУИ, Али Ахмети промовираше еуфорија и триумфализам.
-Проблемот е што партиската, националната и верската припадност се клучни за некој во државата да биде обвинител, судија, директор…Ако сакаше ДУИ да нема коментари за оваа работа, зошто не предложи Турчин или Македонец? Камо среќа СДСМ да предложеше Албанец, но способен или обратно? Партиската книшка и националната припадност е проблемот, рече пратеникот во емисијата „Аргумент плус“.
Околу борбата со корупцијата, Трајанов порачува дека една од главните определби на неговата партија бил да се подготви Закон за борба против високата корупција и тешките форми за криминал, кој бил одбиен од актуелната влада.