Претставката за директорот на Финасиската полиција, Арафат Муареми била испратена уште минатиот вторник, само еден ден откако обвинителите го започнаа претресот во државната институција, изјави денеска за ДВ, шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција, Вилма Русковска.
-Со оглед на тоа дека претставката е поднесена минатиот вторник до обвинителот Јовески, нејзиното соопштување сега во јавноста го сметам за директен притисок врз работата на обвинителството и судот, истакнала Русковска.
Таа појаснува дека е изненадена од реакцијата на Муареми.
-Ние само проверуваме наводи во пријава и во тоа нема ништо лично. Ако е работено сѐ по закон, тогаш не ја разбирам паниката и притисокот што се прави, ќе повторам, врз обвинителството и судот, коментирала Русковска.
Како што соопшти денеска Управата за финансиска полиција, на истражителите од ОЈО за гонење на организиран криминал на 18 јули им бил дозволен непречен пристап во просториите на Управата, како и непречено извршување на наредбата, иако нејзината содржина, како што се тврди, не ги исполнувала формалните и материјалните-суштински основи за да биде издадена.
– Видно од наредбата воопшто не е јасно по кои индиции и докази се водел подносителот на барањето за наредба за претрес, а воедно и судијата кој што таквата наредба ја издал. Наведеното упатува на тоа дека при издавањето на наредбата, од страна на судијата на претходна постапка запазена е само формата, но не и суштината за да се издаде наредба за примена на ваква инвазивна мерка, каква што е претресот, се наведува меѓу другото во соопштението од Управата.