Вицепремиерот и кандидат за градоначалник, Изет Меџити се огласи со реакција по јавниот настап на лидерот на ДУИ, Али Ахмети на партискиот митинг, каде што индиректно ги нарече своите политички противници „кучиња“, а исто така упати и порака кон премиерот Христијан Мицкоски.
„Во моментот кога сите оние Албанци што не мислат како тебе ги нарече „загари“, си ја заврши својата политичка кариера. Вечерва си ја запечати легитимноста“, порача Меџити во објава на социјалните мрежи.
На вчерашната конвенција за промоција на кандидатите за градоначалници и советници, лидерот на ДУИ и предводник на коалицијата „Национална алијанса за интеграција“ (НАИ) порача дека противниците на оваа коалиција ги загрозуваат правата на Албанците и создаваат меѓуетнички тензии.
Тој нагласи дека Рамковниот договор останува суштински документ за мирот и стабилноста во државата и дека мора да се почитува од сите политички страни. Според Ахмети, во изминатите две децении, во соработка со САД, ЕУ и НАТО, се работело на неговата примена заедно со домашните политички сили.
Во продолжение од говорот, тој упати и директна критика кон лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
„Христијане, млад си, размисли добро. Не се соочуваш со скапоцени камења или краставици, туку со добро специјализирани кадри, тимови во сите области. Мицкоски со кучиња оди на лов на зајци, но не и на орли. Орелот не се бори со кучиња, слуги и негодници кои ги дресирате за да нè оцрните. Орли, летајте високо во синилото, кучиња, чувајте се од зајаци,“ порача Ахмети.
Тој ги повика граѓаните на масовно учество на изборите на 19 октомври, истакнувајќи дека единството на Албанците е клучно за иднината на земјата.