Ако ги одбиете невакцинираните, ќе дојдат вакцинирани попишувачи, Симовски вели одиме на попис

од Берта Китинска
501 прегледи

По пауза од речиси 20 години стартува националниот попис на населени. Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски, за „Локално“ вели дека бројката од 5.000 попишувачи и 500 инструктори е оптимална, со која се очекува да се спроведе успешен попис во државата.

– Во недела во 8:00, полни со енергија и ентузијазам одиме на попис. Сигурен сум дека и граѓаните сакаат да се попишат бидејќи знаат колку е важна оваа статистичка операција за иднината на државата, вели Симовски.

За тоа колкав ќе биде бројот на административни работници  со договор на дело што ќе се вклучат во попишувањето ќе се знае во сабота, кога на прес конференција директорот на Заводот за статистика,  Симовски ќе ги обелодени сите инфомрации  за пописот.

-Ќе ги обезбедиме попишувачи бидејќи не станува збор за голем број, од кој што ќе зависи дали ќе почне  пописот, вели Симовски.

Според првиот човек на статистика,  состојбата со пандемијата е загрижувачка, но додава дека со строго почитување на протоколите и мерките за  заштита од коронавирусот во Македонија ќе се одржи успешен попис кој ќе почне на 5 а се планира да заврши на 30 септември.  До истиот датум ќе трае и он – лајн попишувањето на дијаспората кој започна на први март.

И премиерот Зоран Заев е уверен дека нема да има проблеми при спроведувањето на пописот.„Кога ќе се случат ситуации граѓани да не сакаат да примат попишувачи кои се невакцинирани, ќе бидеме максимално флексибилни и може да се направи рокада на попишувачите за да им се излезе во пресрет на граѓаните“, изјави премиерот. Тој укажува дека поголем дел од попишувачите се вакцинирани, а и над 50 проценти од граѓани над 40 години се исто така вакцинирани.

Министерот за правда Бојан Маричиќ рече дека нема никакви правни пречки за негово одржување, протоколите ќе се почитуваат, а бројот на попишвачи ќе се надоканди со администрација. .

-Се работи на дополнување на бројот на резервни попишувачи во одредени подрачја. Владата на располагање ги стави оние лица, кои се ангажирани со договор на дело по институциите, да помогнат таму, каде што има потреба и мислам дека со тоа ќе се заокружи бројот на попишувачи, рече Маричиќ.

Од владата информираа дека обуките на попишувачите и инструкорите на сите комисии на 50-те пописни реони се завршени.
-До недела, секој попишувач, заедно со својот реонски инструктор ќе направи и план на движење низ пописниот круг а сè со цел ниту еден објект, ниту едно домаќинство да не остане неопфатено, рече владиниот портпарол Душко Арсовски.

Пописот првично требаше да се одржи од 1 до 21 април годинава, но се одложи поради пандемијата предизвикана од коронавирусот.

Во недела наутро, на  5 септември, почнува пописот за кој деновиве се одвиваат последните подготовки.

Слични содржини