Во италијанските медиуми, научните кругови и на социјалните мрежи продолжува дебатата за тоа дали вакцинацијата против ковид 19 треба да биде задолжителна или доброволен избор на секој поединец.
„Сите здравствени работници мора да бидат вакцинирани за да се заштитат себеси, но и луѓето со кои работат. Ако одбијат, треба да бидат суспендирани од работа“, тврди научниот директор на Римскиот институт за инфективни болести „Спаланкано“, Џузепе Иполито.
Спротивно е мислењето на претседателот на Националниот комитет за биоетика, Лоренцо Давак, кој за агенцијата Анса изјави дека треба да се биде многу внимателен и да се направи вакцинацијата задолжителна само во исклучителни случаи.
Според него, наместо „наредби“ за вакцинација, треба да се интензивира информативна кампања со цел да се убедат луѓето во она што е научната вистина, а тоа е дека вакцината против коронавирус е неопходен и безбеден лек.