Што се однесува до Преспа, уште пред неколку години го имаме кажано ставот дека е реалност и е дел од правниот и уставниот поредок на државата, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски коментирајќи го последните пораки од американската амбасадорка Анџела Агелер.
Што се однесува до уставните измени кои се дел од францускиот предлог, Мицкоски вели дека е додаток на Договорот за добрососедство и пријателство, односно репреговарање. Според него, не преговараат диктати и ултиматуми.
-Ако можел Договорот да биде репреговаран и да му се додаде францускиот предлог, не гледам зошто да не се додаде и некој плус француски предлог кој ќе ги опфати барањата на Македонците во Бугарија. Не можеме да водиме политика на двојни стандарди. Ако бараме промена на Уставот во Македонија и внесување на неколку стотици сограѓани кои се декларираат како Бугари, тогаш да видиме што станува со оние граѓани кои велат дека се дел од македонската заедница кај нашиот источен сосед. Имате 14 пресуди за македoнската заедница чии што права се ограничени или нарушени. Мораме да имаме политика која нема да се темели на двојни стандарди. Немаме намера да водам таква политика. За мене се чудни изјавите од официјална Софија, кажа денеска премиерот, одговарајќи на новинарски прашања.
Мицкоски е дециден дека никој не е против бугарската заедница, туку дека се почитуваат неколкуте стотини граѓани.
Договорите се направени, нема одново преговарање на Преспа, ниту пак со Бугарија за напредокот кон Европската унија, категорична е американската амбасадорка Агелер.
Во интервју за РСЕ, потенцира Агелер, од новата влада граѓаните треба да бараат транспарентност и справување со корупцијата.