Ако не беше “политичкиот популизам и голата желба за власт”, Грците ќе беа побогати за 1 милијарда евра

од desk3
85 прегледи

Грција можеше да добие дополнителни една милијарда евра приходи од туризмот оваа година, ако не беа сите шпекулации за можно излегување на земјата од еврозоната и последиците од капиталната контрола по референдумот во јули по спасителниот договор со меѓународните кредитори. Тоа го изјави Јанис Рецос, претседател на Грчката федерација на хотелиерите, цитиран од електронското издание на весникот. “Катимерини”.

ципрас сирис

Според Рецос секторот покажал доволно отпорност спрема политичката и економската нестабилност и спрема сериозните проблеми со кои се соочи во екот на туристичката сезона. Според Здружението на грчките туристички агенции (СЕТЕ) Грција најверојатно ќе ја заврши овогодинешната сезона со рекордни 26 милиони туристички посети од странство и над 14,5 милијарди евра приходи.

Според Јанис Рецос овие резултати се должат главно на зголемувањето на посети по копно од Југоисточна Европа и на друго место, како и на зголемувањето на бројот на летовите до Атина. Тој истакна дека подобрувањето на инфраструктурата и услугите за странски туристи на влезните пунктови на границите треба да станат приоритет.

Претседателот на Грчката федерација на хотелиерите истакна дека друг привлечен елемент за странскиот пазар била ценовната политика на грчките хотели во последниве години. Рецос прогнозира дека приходите на хотелите нема да го следат нагорниот тренд на националните приходи од туризмот, бидејќи хотелите одговориле на капиталната контрола во шпицот на сезоната со попусти и понуди за да ја задржат побарувачката во август и септември.

Според последните податоци на СЕТЕ, објавени оваа недела, меѓународните пристигнувања преку воздух во првите осум месеци од годинава се зголеми за 6,3 проценти во однос на минатата година и достигна 11,7 милиони. Само во август пристигнувањата се зголемиле за 4,6 отсто, достигнувајќи речиси три милиони.

Јанис Рецос очекува грчкиот туризам да го задржи ова темпо и во 2016 година. Тој, сепак, истакна дека за да се случи тоа, мора да биде запазена политичката и економската стабилност, а проблемите, како бегалската криза, да се чуваат под контрола. Во врска со зголемувањето на данокот на додадена вредност Рецос рече дека грчките хотели решиле да преземат голем дел од зголемувањето.