Пријателството не е нешто што можеме да го научиме од книга, но сигурно можеме да научиме повеќе за нашиот пријател и да знаеме како да му помогнеме.
Во сечиј живот доаѓа момент кога има поголеми проблеми и некогаш ни треба помош од пријател. Кога од вас ќе побараат совет, избегнувајте ги следниве нешта, бидејќи тие ве прават лош пријател:
Им даваме преочигледни совети
Кога пријател доаѓа со проблем и ви се обраќа за помош, тогаш му треба некој совет што е различен од стандардните. Наместо да одржите клише говор, кажете како вие би постапиле, бидејќи на тој начин можете да дојдете до парчето мудрост кое ви е потребно за да го решите проблемот.
Се оградувате од проблемот
Не морате да нагласувате дека вие не сте дел од проблемот бидејќи, повторуваме, вашиот пријател веќе е свесен за тоа. Нема ништо повознемирувачко од тоа некој да страда и да не ја добие очекуваната поддршка од оној кој го смета за близок.
Да споредувате со ваше искуство
Да, јасно е дека на секого му се има случено нешто слично, па дури и исто, но која е потребата да го нагласувате тоа? Ако веќе сте го преживеале и сте се избориле со тоа, споделете го искуството. Најмногу што можете да направите е да го раскажете своето искуство како анегдота на крајот од разговорот. Но, никогаш, апсолутно никогаш немојте да споредувате, ниту пак да нагласувате дека во одреден момент вам ви било потешко отколку нив сега.
„Погледни на светлата страна“
Кога луѓето имаат проблеми, воопшто не им е до гледање на светлата страна, ниту до извлекување важни животни лекции од ситуацијата. Во моментот е најважно да се реши проблемот, од каква и да е природа, а штом ви се обраќаат, тогаш навистина не им е до клишеа од типот „ќе видиш дека вака е најдобро за тебе“.
Потребата да кажете што било
Во најголем број случаи, на вашиот пријател му треба оној на кој му верува (вие) за да може да ја олесни тежината која му е собрана. Многу често, воопшто не се ни очекува совет од вас, туку само поддршка. Да, малку е чудно да не речете ништо, но подобро да оставите реакцијата да биде природна, наместо да се трудите да смислите нешто што може да биде и сосема погрешно и не на место.