Викендов ќе се знае точно во која насока ќе се движат преговорите и дали се успешни, дознава „Мета“ од дипломатски извори.
– Секогаш на преговорите треба да им се дадат уште неколку шанси. Деновиве ќе се одржуваат само билатерални средби, а работната група ќе се состане само доколку е сигурно дека ќе се постигне некаков договор – вели нашиот извор.
Тој вели дека ако преговорите не бидат успешни, „Европската унија ќе ја третира Македонија како Белорусија“.
– Ако нема договор до викендов, Договорот од Пржино не важи – вели нашиот извор.
Европската комисија денеска пак официјално изрази разочарување поради повторното пробивање на роковите од Договорот од Пржино.
– Комисијата е разочарана и ги повикува на лидерство и на одговорност сите политички партии и со добра волја да го имплементираат договорот – изјави за „Мета“, Маја Коцијанчич, портпаролката на еврокомесарот за проширување и за соседска политика, Јоханес Хан.
Коцијанчич истакна дека постигнатиот договор го посочува јасниот пат кон прогресот, но притоа не сакаше да коментира дали ваквата ситуација ќе се рефлектира врз извештајот за напредокот на Македонија кон ЕУ, кој допрва треба да биде презентиран.
