Ако Владата продолжи со игнорирање на проблемите, Левица размислува за заедничка акција со синдикатите и граѓанските здруженија за бојкот на маркетите

од Nikola Popovski
298 прегледи

Може ли бојкотот на продавниците, маркетите и бензиските пумпи во Македонија да резултира со намалување на високите цени на производите? Одговорот на тоа прашање би можел да биде појасен веќе во петок, откако дел од твитер-заедницата во земјава повика на бојкот. На социјалните мрежи се споделува фотографија која повикува на бојкот на маркети на ден 31.01.2025 (петок) под мотото „Попусто попусти кога цените се исти“ Секако, се зависи најмногу од одзивот на граѓаните. На пример, во Хрватска минатиот петок, прометот во објектите беше за половина помал поради бојкотот на продавниците. Повик за иста акција во Босна и Херцеговина е веќе споделен, со напомена дека цените на храната честопати се повисоки отколку во западните земји.

Дали ќе дојде до израз и во Македонија? 

Дел од економистите се противат на ваквата идеја, поради ставот дека бојкотот е против суштината на даноците. Бараат да има што поголем промет за да да има поголеми даноци. За разлика од нив, дел од партиите во земјава се согласуваат со револтот на граѓаните. Од Левица во став за „Локално“ порачаа дека бојкотот е легитимна форма на граѓански притисок, особено кога се соочуваме со манипулативно однесување на крупниот капитал и трговските монополи. Димитар Синдилиев од секторот Политичка економија на партијата истакна дека она што го видовме во Хрватска е пример за тоа како организираниот отпор може да предизвика реакција од трговците.

-Граѓаните во Република Македонија треба да размислат за ваква иницијатива, но прво и основно Владата е должна да изнајде долгорочни решенија за заштита на куповната моќ и регулирање на цените, децидни се од Левица.

Од партијата на Димитар Апасиев сметаат дека иако Законот за нефер трговски практики беше чекор напред, истиот очигледно е недоволен и неправилно се имплементира. Сметаат дек бојкотот може да делува како сигнал до трговците дека граѓаните се незадоволни и свесни за манипулациите. Сепак, додаваат дека без системски мерки од страна на Владата, како воведување поголеми даночни обврски за монополи, контрола на маржите и заштита на домашното производство, бојкотот ќе биде само привремено решение.

На прашањето дали тие како партија би покренале слична иницијатива, од Левица велат дека секогаш ги поддржуваат акциите кои имаат за цел заштита на интересите на граѓаните.

-Ако Владата продолжи со игнорирање на проблемите, Левица ќе размисли за покренување слична иницијатива или заедничка акција со синдикатите и граѓанските здруженија. Народот заслужува праведна економија, а не да биде заложник на монополи и профитерство, ни рече Синдилиев.

Законот за нефер трговски практики во земјава почна да се работи уште во времето на минатата влада. Кога стапи на сила, на почетокот на оваа година, се даде период на адаптација.  Потоа се одлучи да нема казнување туку само опомени. Комисијата за заштита на кокуренцијата се доекипираше со плус членови за да се прават проверки. Планот е да се стави крај на проблемте со цените кои веќе подолго време дивеат во маркетите. За да се намали притисокот, продлжи трендот на мерки. Последно беше новогодишната кошничка која пак заврши пред два дена, но се појавија компликации.  Сега, додека да се донесе нова од бизнисот не можат да гарантираат дека нема да има нов скок на цените.

 

Откако податоците на хрватската даночна управа покажале дека бојкотот на продавниците во Република Хрватска на 24. јануари бил успешен, платформата „Ало инспекторе“ која го организираше бојкотот најави нова акција со иста цел. Новиот бојкот е закажан за овој петок, 31 јануари, соопштија оттаму.

Во Хрватска, само до 16 часот попладне, во петокот, во секторот трговија на мало биле оданочени 32 отсто помалку поединечни фактури во однос на претходниот петок, а износот на фактурите е помал за 37 отсто. Ако се земат предвид сите индустрии, податоците се малку послаби, но сепак сугерираат дека потрошувачите одлучиле да испратат прилично силна порака. Во сите сектори, бројот на поединечни фактури е за 29 отсто помал од минатиот петок, а износот на фактурите е помал за 31 отсто, што упатува на тоа дека бојкотот на продавниците успешно се прелеа и во другите сектори, соопштија организаторите на бојкотот.

Откако црногорскиот премиер Милојко Спајиќ ја поддржа идејата за бојкот на супермаркетите и другите намирници поради високите цени, вчера организацијата „Алтернатива Црна Гора“ ги повика сите граѓани на бојкот во петок на 31 јануари. Спајиќ синоќа на платформата „Х“ сподели анкета во која се прашува дали треба да се случи истото по примерот на Хрватска.

„По само еден ден бојкот, хрватските супермаркети ја слушнаа пораката и значително ги намалија цените. Дали мислите дека и ние во Црна Гора треба да се организираме и, да речеме, да ги бојкотираме сите супермаркети и продавници“, стои во анкетата. Од „Алтернатива Црна Гора“ њметаат дека цените се енормно високи и дека водечките трговски синџири, преку меѓусебниот договор за формирање на цените, имаа пресудно влијание врз граѓаните да не го почувствуваат зголемувањето на платите и пензиите.

Слична акција се најавува и во Словенија.

Н.П.

Слични содржини