Инспекторите откриле траги од експлозив на оштетените делови на гасоводите Северен тек 1 и 2. Со тоа се потврдува дека се работи за сериозна саботажа, соопшти шведското обвинителство.
„Експлозиите што во септември ги погодија гасоводите Северен тек 1 и 2 во Балтичкото Море, изградени за транспорт на руски гас во Европа, се акти на саботажа“, изјави денеска обвинителот задолжен за прелиминарната истрага во Шведска.
„Направените анализи покажуваат остатоци од експлозив на неколку страни предмети на гасоводот“, изјави обвинителот Матс Љунгквист и додаде дека во продолжение на истрагата ќе се утврди дали може да се поведе судска постапка за кривично дело.
Москва одговори дека ќе го чека целосниот извештај пред одлуката за отштета.
Шведските и данските власти истражуваат четири дупки во гасоводите Северен тек 1 и 2 кои ги поврзуваат Русија и Германија преку Балтичкото Море и станаа жариште на украинската криза.