Загриженост за приведените деветмина студенти од кои на осум им е доделена мерка притвор, а еден е во куќен притвор, изразија активистите кои се дел од протестите против полициската бруталност кои неделава масовно се одржуваа во Скопје, пренесе Нова.
Уапсените 9 студенти се товарат за кривичното дело учество во толпа и спречување на полициски службеник во работата. Студентите завчера биле веднаш изнесени пред истражен судија и издадена им е мерка притвор.
-Одлуката да им се определи мерка притвор била донесена веднаш, бидејќи веднаш биле изнесени пред истражен судија. Изјавите на нивните родители говорат дека биле уапсени со зголемена употреба на физичка сила, осуммина се во затвор во Шутка, додека за еден млад човек е одреден куќен притвор. Станува збор за кривично дело кое се казнува од 3 месеци до 3 години, во принцип за ова кривично дело не се определува мерка притвор. Единственото образложение е наведено е да се спречи повторување на кривично дело, односно нивното учество на понатамошните протести, изјави директорката на Хелсиншкиот Комитет, Уранија Пировска.
Според активистот Здравко Савевски, младите мирно протестирале и приведените се случајно избрани со цел да се создаде страв кај студентите масовно да протестираат.
Дополнително, Хелсиншкиот Комитет упатува апел, секој кој ќе биде цел на приведување од страна на полицијата да се брани со молчење и веднаш да се обрати во Комитетот кој ќе му овозможи бесплатна правна заштита.
