Две женски активистки за заштита на животната средина намачкаа црвена боја на заштитното стакло на сликата на Клод Моне во националниот музеј во Стокхолм пред да ги залепат рацете на сликата, соопшти полицијата.
„Уапсени се жени на возраст од околу 25 и 30 години“, соопшти полицијата.
Одговорноста за оваа акција ја презеде организацијата Aterstall Watmarker.
Станува збор за делото на Моне „Градината на уметникот во Живерни“ од 1900 година.
Во соопштението на музејот се вели дека конзерваторскиот тим на музејот ја испитува сликата за да види дали е оштетена.
Организацијата Atterstall Watmarker објави видео на кое се гледаат две активистки – медицинска сестра и студентка – како го бојат стаклото зад делото со црвена боја додека истовремено извикуваат „климатската ситуација е итна“ и „нашето здравје е загрозено“.
Претставниците на организацијата во разговор за Франс прес ја обвинија шведската влада дека не ги почитува меѓународните обврски во однос на еколошката политика.
„Треба да ги намалиме нашите емисии за 31 отсто, а наместо тоа, нашите емисии продолжуваат да растат. Тоа е скандалозно“, изјави портпаролката на групата Хелен Валгрен.