Активни 3.797 случаи во Скопје, засега не се препорачува мерки

од Vladimir Zorba
191 прегледи

Активни се 8.415 случаи во државава од кои најголем број 3.797 се во Скопје. Во Битола има 635 активни случаи, во Прилеп 401, во Куманово 379, во Кавадарци 363, во Велес 358, во Штип 264.

Според вчера објавените податоците од Институтот за јавно здравје за изминати 24 часа, при направени 3.296 тестирања регистрирани се нови 469 случаи со COVID-19, 13 починати, 375 оздравени пациенти.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера изјави дека засега нема да има препорака за нови рестриктивни мерки.

Министерството за здравство вчера ја објави анализата за период од 6 август заклучно со 11 ноември, според која, во изминатите три месеци 71 процент од позитивните на COVID-19 не биле вакцинирани, наспроти 29 отсто кои биле вакцинирани. Од починатите граѓани, 80 проценти не биле вакцинирани, а 20 отсто вакцинирани.

За вакцинирани се сметаат лицата кои се вакцинирани со две дози и поминале најмалку 14 дена од примање на втора доза вакцина.

– Во период од 6 август до 11 ноември на територија на државата 52.436 граѓанин, се позитивни од тестирани на COVID-19, од нив 29 проценти биле целосно вакцинирани, односно 15.456 лица. Голем е бројот на невакцинирани граѓани кои се заразиле со COVID-19. Според статистика за изминативе три месеци, 36.980, граѓани, односно 71 отсто од позитивните не биле вакцинирани, се вели во анализата на Министерството за здравство.

Анализата, исто така, покажува дека смртноста кај невакцинираните е драстично поголема.

– Во период од 6 август до 11 ноември на територија на државата починале 1.788 пациенти со COVID-19, 1.434 пациенти од починатите, односно 80 проценти не биле вакцинирани, а само 20 отсто, односно 354 примиле вакцина. Според анализите починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања. Пациентите биле вакцинирани со сите типови вакцини кои ги има на располагање кај нас, стои во анализата на Министерството.

Од Министерството нагласуваат дека секоја вакцина која ја има на располагање е безбедна и апелираат граѓаните да се вакцинираат, со што ќе се дојде до колективен имунитет и ќе се спречи ширење на мутации на SarsCoV2.

– Во изминатите два дена аплицирани се вкупно 7.169 дози вакцини, од кои 1.389 се аплицирани како прва доза, 1.364 се ревакцинирани, а 3.433 граѓани примиле трета доза вакцина. Опфатот со вакцинација со една доза вакцина на полнолетната популација е 57 проценти, а со две дози опфатени се 46 отсто од граѓаните над 18 години. Заклучно со 11 ноември вкупно се вакцинирани 812.631 граѓани, ревакцинирани се 783.880, а трета доза примиле 51.531 граѓани. Дури 54 проценти од граѓаните над 40-годишна возраст се ревакцинирани, а 33 отсто од популацијата од 18 до 39 години примиле барем една доза вакцина, информираат од Министерството за здравство.

Според бројот на аплицирани вакцини, 39 проценти од целата популација во земјава е вакцинирана, а 37 отсто од популацијата во државата примила две дози вакцина.

Вкупниот број Ковид-дијагностицирани лица во државава од почетокот на епидемијата изнесува 208.467, на оздравени пациенти е 192.745, а на починати е 7.307.

Слични содржини