Согласно со Уредбата објавена во Службен весник бр.149 на 5.6.2020 со бр. 44-5004/1, сите активности на Универзитетската изборна комисија се ставени во мирување. Ова е соопштено на веб-страницата на Универзитетпт „Св. Кирил и Методиј”.
Тројца кандидати за ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”, професорите Вујица Живковиќ, Драги Димитриевски и Петар Атанасов, вчера ги поднесоа своите кандидатури затоа што, како што соопштија, биле принудени бидејќи рокот истекуваше во 16 часот, а Универзитетската изборна комисија не го имаше стопирано конкурсот како што предвидува Уредбата за примена на Законот за високо образование што Владата ја допрецизираше во петокот.
Уредбата предвидува дека на органите на универзитетите на кои мандатот им истекува за време на вонредната состојба мандатот, постапките за избор ќе започнат, односно продолжат во рок од 30 дена од завршување на вонредната состојба.
Еден од кандидатите за ректор, проф. Петар Атанасов, за МИА изјави дека со оглед дека и покрај новата Уредба, Универзитетската изборна комисија не ги имала стопирано активностите, тие тројцата вчера ги доставиле своите програми со кои конкурираат за ректор на Скопскиот универзитет.
-Не знам кога го ставила Комисијата (известувањето), но не беше пред 13-14 часот сигурно. Ние тројцата ги поднесовме програмите. И ректорот (Никола Јанкуловски) ја поднесе, а мислам дека, неофицијално, уште тројца други поднесоа и дека има поднесено седум кандидатури за ректор во печатена форма. А во Конкурсот се бараше и електронски. Мислам дека неколкумина електронски ги поднесоа. Комисијата заседавала од 13.30 и не знам кога завршиле. И јас на страницата на УКИМ видов дека целата процедура се става во мирување и засега Универзитетската изборна комисија нема никакви активности. Добро е што се стопира зашто многу работи не чинеа, изјави Атанасов. Додаде дека од Комисијата ќе зависи натамошниот тек на постапката што почна во март и беше оспорена и од професори на УКИМ, и од образовните синдикати.
Универзитетската изборна комисија се состои од седум членови, шест професори и еден студент. МИА се обиде, но не стапи во контакт со претседателот на Комисијата, проф. д-р Пламен Тројачанец, во врска со тоа кои би биле следните активности бидејќи документите од кандидатите се примени и да ни потврди за бројот на кандидатури кои неофицијално се повеќе од четирите за кои се знаеше во јавноста (т.е. на актуелниот ректор Никола Јанкуловски и на тројцата други кандидати – Вујица Живковиќ, Драги Димитриевски и Петар Атанасов).
Антикорупциската комисија, на барање на Независниот академски синдикат (НАкС), пред десетина дена му наложи на Државниот просветен инспекторат (ДПИ) да изврши вонреден надзор на УКИМ во врска со почнатата постапка за избор на ректор.
Во исто време, покрај процедура за избор на ректор, се одвиваше и процедура за избор на сенатори зашто на сегашниот Сенат на УКИМ му престанува мандатот на 26 јуни и треба да има нов. НАкС поднесе претставка до ДПИ и за незаконски избор на членови на Сенатот на УКИМ. ДПИ сè уште не го објави својот надзор во врска со постапката за избор на ректор, а застојот се должи и на тоа што во Инспекторатот има потврдени позитивни на коронавирусот.
Атанасов ни изјави и дека неколку од единиците на УКИМ вчера не се состанале и не избрале изборни комисии односно ја почитувале одлуката на Владата од петокот.
– Тие што имаа избрано дотогаш – да, но овие неколку други, не би го знаел бројот, не избраа ниту сенатори, ниту комисии за избор на ректор. Со сигурност можам да кажам дека меѓу нив е и Филозофскиот факултет, додаде Атанасов за МИА.
Со дополнувањето на Уредбата од Владата за примена на Законот за високо образоване, се регулира дека сите почнати постапки за избор на раководен орган пред стапување во сила на оваа уредба ќе се стават во мирување.
-Дејствијата кои се преземени претходно се сметаат за важечки, а останатите дејствија ќе продолжат по завршување на вонредната состојба и по престанок на ограничувањата предвидени со закон, соопшти прес-службата на Владата по одржаната седница во петокот.