Бизнис светoт денеска

Лондон/Њујорк – Акциите на светските берзи се доближија до рекордни вредности во очекување дека пониските даноци во САД ќе донесат поголем профит за компаниите. Во Европа, францускиот индекс КАК 40 скокна за 1,4 отсто, германскиот ДАКС за 1,7 проценти, а лондонскиот ФТСЕ 100 за 0,5 отсто. Еврото ослабна на 1,1842 долари од 1,1893 долари од петокот, додека доларот скокна на 112,95 јени од 112,05 јени, а фунтата на 1,3513 долари од 1,3468 долари.
Њујорк/Лондон – Цените на нафтата се повлекуваат по стравувањата дека договорот на ОПЕК за продолжување на спогодбата за намалување на нафтеното производство, би можел да го зголеми американското производство од шкрилци на сосема ново ниво. ОПЕК и партнерите, вклучувајќи ја и Русија, минатата недела се договорија да продолжат со намалување на производството на нафта до крајот на следната година. Во такви услови, северноамериканските нафтени компании веројатно ќе ги зголемат средствата наменети за истражување на нови наоѓалишта на нафта за 20 отсто во 2018, според истражување на компанијата Еверкор ИСИ за буџетските трендови во таа индустрија.
Љубљана – Се смета дека годинава околу 200.000 ноќевања во Словенија ќе остварат сопственици на станови и куќи кои своите станбени квадрати ги изнајмуваат преку платформи како што се Аирбнб и Букинг, па така Министерството за финансии ги предупреди оние кои не ги пријавиле тие приходи дека се соочуваат со плаќање високи казни. Ако своите непријавени приходи од изнајмување станови ги пријават до крајот на јануари следната година, ќе платат само данок и заостанати камати, во спротивно се соочуваат со казни од 400 до 30.000 евра, објави државната финансиска управа.
Лондон – Трговскиот синџир „Ист оф Ингланд ко-оп“ (East of England Co-op) ќе стане првиот голем трговец кој ќе продава стока на која и истекол рокот на траење. Синџирот, кој има 125 продажни места во источниот дел на Англија, ќе продава сушена храна и конзервирани производи за само 10 пени во обид да се намали фрлањето храна. Советодавното тело за отпад и рециклирање оцени дека тој потег е усогласен со стандардите за безбедност на храната.
Копенхаген – Одделот за нафта и гас на конгломератот „Молер-Маерск“, со седиште во Копенхаген, соопшти дека ќе вложи 3,4 милијарди долари во најголемото данско гасно поле. „Молер-Маерск“ ќе вложи пари заедно со британско-холандската нафтена мултинационална компанија „Шел“, покрај другото, во најголемото данско гасно поле во Северното Море. Најавата информација доаѓа откако „Маерск“ минатата година објави дека годинава го затвора погонот Тајра, затоа што „истекува неговиот работен животен век“.
Вашингтон – Претседателот на САД Доналд Трамп најави дека можеби ќе сака да преговара за промениа на даночната стапка за корпорациите и дека таа би можела да изнесува 22, наместо 20 отсто, како што е предвидено во законите усвоени во двата дома на американскиот Конгрес. Трамп на овој начин внесе доза на неизвесност во процесот на темелни реформи на даночниот систем на САД, неколку часа откако Сенатот на американскиот Конгрес го усвои законот за реформи на даночниот систем./MIA