Акционерите на „Твитер“ денеска гласаа за одобрување на понудата на Илон Маск за купување на компанијата за 44 милијарди долари, пишува „Вашингтон пост“.
Гласањето дојде неколку дена по писмото на Маск до Твитер во кое бараше раскинување на договорот, како и сведочењето на свиркачот Питер Затко пред Сенатот. Тој сведочеше дека мрежата била полна со безбедносни пропусти, кои оставиле нови правни и политички последици за компанијата.
Додека Маск се труди максимално да го раскине договорот, денешното гласање му овозможува на Твитер да продолжи со тужба чија цел е да го принуди милијардерот да го финализира купувањето.
Од Твитер велат дека ќе се обидат да го спроведат договорот и дека жалбите на Маск се само изговор за повлекување од него.
Денешното гласање не значи дека договорот ќе биде спроведен, но потребно е да се продолжи со аквизицијата, пренесува „Блумберг“.
Маск во јули изјави дека го откажува договорот, тврдејќи дека Твитер го довел во заблуда за големината на неговата корисничка база и бројот на ботови и спам сметки. Твитер ги негираше обвинувањата и го тужеше Маск пред судот во Делавер за да го принуди да го заврши купувањето. Милијардерот потоа поднесе контра тужба.